ТЕТОВОПЕДИЈА

Следи хронолошка листа на најзчајните моменти од минатото на Тетово и Тетовско:

Праисторија

Околу 10.000 години п.н.е.  Карпеста уметност по долината на реката Пена, Тетовско, која според истражувачот Д.Алексовски, претставува вистински музеј под отворено небо. Формите на овие видови гравири се различни. Среќаваме обични линии, форми на животни и геометриски фигури. Праисторискиот културен деец се обидел и тоа со успех, природно оформените карпи во вид на човечка фигура, со помош на брзите води на Пена да ги преобрази во човечки фигури со маска.  Според него ваквите фигури немаат преседан во карпестата уметност во светот(© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

6100 години п.н.е.  Најстари траги од животот во Полог, што говори за континуиран живот на овие простори од над 8.000 години. Првите значајни податоци за неолитот во Полог потекнуваат благодарение на сондажните ископувања во 1987. и 1988. на локалитетот Тумба кај с.Долно Палчиште, Тетовско. Овие податоци се докомлетирани со археолошките истражувања извршени есента 2000. и повторно есента 2007., на локалитетот Под село –Тумба кај с.Стенче, Тетовско, со што во голема мера се заокружи сликата за неолитот во Тетовско и Полог воопшто. Во овој период овие краишта биле населени од т.н. културна група Анзабегово-Вршник.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

6100 години п.н.е.  Жртвеникот од типот Големата Мајка (Magna Mater), ископан 2000. на локалитетот Под село –Тумба кај с.Стенче, Тетовско. Тој посочува на старите корени на почитување на култот на Големата Мајка, како најстар жртвеник пронајден во ареалот на Анзабегово-вршничката  група, и е повеќе векови постар од досега најпознатиот ваков жртвеник кај нас од скопскиот локалитет Тумба кај Маџари, и е во порудиментирана форма од него, еволутивно претходејќи му. Жртвеников е висок 25 см, а е изработен од црвено печена керамика, а направен е од еден четвртест постамент- куќа, со по два четириаголни и два отвора во форма на буквата ‘М’, поставени на спротивни страни. Врз него се издига еден цилиндер со малку извлечен венец, а во форма на оџак, како пред-фаза која во наредните векови ќе еволуира во женски лик, како кај жртвеникот од Тумба, Маџари.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Помеѓу 1425 - 1340 година п.н.е.  Луксузен раномикенски меч - рапир од гр.Тетово, долг 99 см, а ширината кај крилцата од рачката е 10 см. Преку овој наод излиен многу вешто од бронза, видливи се силните влијанија кои постоеле во периодот на доцното бронзено време, особено од југ, во Тетовско и Македонија воопшто. Ова бил луксузен увезен предмет од микенски производители, а служел како параден меч– знак на достоинство и власт на некој тогашен тетовски поглавар. Истиот претставува еден од најсеверните наоди на таков импорт од егејската област.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Помеѓу 1200 - 1100 година п.н.е.
  Бронзена ранохалштадска шуплива воена секира (келт), пронајдена во Гостиварско. Овој наод е доказ дека и Полог, како важна патна артерија се нашол во виорот т.н. втор бран егејски преселби (крајот на 12. и почетокот на 11. век п.н.е.), кога во неколку сукцесивни бранови се одвивале миграциски продори од север кон југ, по долината на Морава и Вардар. Овој ранохалштадски келт е од специфичен, подунавски тип, карактеристичен за тогашните народи на средна Европа и е доказ дека борбените новодојденци од север извесно време се задржале и во нашите краишта.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Антика

Околу 520-500 години п.н.е.  Тетовската Менада, познатата статуетка лиена во бронза а потоа на некои места дотерувана со фино гравирање, е со мали димензии, висока 9,4 см, растојанието на нозете 6,5 см, и е прекрасен примерок на дорската уметност (коринтска школа), но е тешко да се каже дали е увезена од Егејот или Јужна Италија, или пак е изработена од локални мајстори– неимари. Преставувала мал украсен детал како дел од сложена декорација, и најверојатно стоела залепена за нозете на работ на голем кратер (бронзен котел) или луксузна бронзена ваза. Митолошки Менадата е вид грчка нимфа, следбеничка на богот на виното и плодноста- Дионис. Нашата е претставена како девојка во грациозно движење (кое е често прикажувано во античкиот свет како ‘бегање на Менадата пред митолошкиот Силен’), со раширени и подигнати подлактици и расчекорени нозе. Трупот е прикажан фронтално, но нозете и главата свртени се кон десно. Таа е со убави црти на лицето, со долга коса која по грбот паѓа сè до струкот, а облечена е во хитон (долго здолниште), преку кој има префрлено небрис (пантерска кожа) со концентрични кругови и пантерски шепи кои висат како украс. Оваа статуетка е пронајдена при ископувањето во т.н. Архајска кнежевска гробница во гр.Тетово во 1933 година, но е датирана како постара од неа што докажува дека садот на кој таа била поставена бил претходно долго во употреба пред конечно да се стави како гробен прилог.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Околу 5 – 4 век п.н.е.   Во врвот на моќта локален агријански кнез гради својата богата Архајската кнежевска гробница во денешно Тетово, што е без сомнение најатрактивен археолошки наод досега пронајден во Полог,  откриена случајно при изградба на куќа, пролетта 1933.  Од оваа гробница откопана и истражена била само т.н. главна комора која е со четвртест облик и димензии 5,51 х 3,5 м. и зачувана во височина од 1,85 м, поставена по должина во правец север-југ. Градена е од големи правилно делкани мазни жолтеникави камени блокови, совршено споени меѓу себе, без малтер. Покриена била полукружно со т.н. ‘лажен свод’, составен од хоризонтално редени блокови, косо засечени од внатрешната страна. Таа од другите се разликува по тоа што кај неа е пронајден поплочен под со камени плочи, како и засводување на комората. Иако е веројатно дека оваа гробница имала богати гробни прилози, за жал при истражувањата пронајдени се само неколку скромни движни наоди (фрагменти од неколку искршени брозени плочки – најверојатно кнемиди). Сепак најисклучителен и најпознат наод од оваа гробница, е бронзена статуетка на Менада.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Помеѓу 360 - 300 година п.н.е.
   Помеѓу други независни градови во северна Македонија, свои сребрени пари во Дамастионската ковница, кова и независниот агријански град Пелагија (најчесто на аверсот има глава на Аполон, а на реверсот стои името на градот во генитив- ПEΛАГIТА/ОN). Според најновите теории и интерпретации на светски познати научници, а анализирајќи ја концентацијата на наоди на овие монети -  овој град се наоѓал во близината на денешно Тетово. Поради поврзаноста на грчката основа на ова име Пелаг (грч. ПЕΛАГ), со значење ‘рамница’, предвид се зема што и до денес тоа име е во корелација со основата и на денешниот словенски назив на котлината Полог. Токму затоа овој град се смета за антички предок на денешниот град Тетово(© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Околу 98.-117. н.е.  Статуа од типот Големата Херкуланка од Тетово, а откриена 1939. Претставена како жена која стои мирно со тежиште на десната нога, а со лесно свиткана и истурена настрана- лева нога. Облечена е во хитон (здолниште) кое допира до стапалата, оставајќи ги голи прстите на нозете во сандали. Озгора целата е прекриена со химатион (наметка) што ја обвиткува целата фигура до под колената, а префрлен преку главата во облик на шал. Со десната рака, таа го придржува крајот на химатионот, а во левата држи некаков предмет. Скоро по правило статуите од овој тип се со откршени глави. Во Македонија, копиите од типот Гомема Херкуланка се застапени со 10 примероци, од кои тетовската е специфична по тоа што е единствениот примерок од овој тип изработен во толку мали димензии (висока 1,10 м).  Потекнува од т.н. трајановски период, односно периодот на владеењето на императорот Трајан од 98.-117. н.е., во чие време Империјата го достигнала  врвот на својата надмоќ и сјај.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Крајот на 4. и почетокот на 5. век н.е.  На локалитетот Грдаште кај тетовското село Стенче, со интензивни археолошки ископувања од 2000. до денес, откриен е комплекс со две базилики, кој преставува  единствениот ранохристијански комплекс во Македонија со три одделни и истовремени крстилници (баптистериуми), а кои служеле за покрстување (крштевање) на локалното население. Ова сензационално откритие беше окарактеризирано како редок научен феномен и исклучително редок случај во целото источно православие. Во малата црква, археолозите откриле мала конструкција на внатрешна крстилница. Втората крстилница е сосема кружна и во неа се слегува преку две скалила. Третата крстилница е најголема и веројатно најмлада и изградена поради зголемената потреба од покрстување во регионот, оти претходните две помали крстилници не можеле да ги задоволат потребите за покрстување. Овој и други значајни наоди откриени потврдуваат дека овој локалитет преставувал значајно ранохристијанско епископко седиште.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Околу 5. – 6. век н.е.  Единствена работилница за изработка на материјал за мозаици во Македонија, е најзначајното откритие од лок. Кука, тетовско село Рогле. Во оваа работилница било топено стакло кое се мешало со хромни оксиди пришто се добивале пити (плочки) од стаклена паста во 5 различни бои (откриени се: аквамарин, кобалт, зелена, карнеол-црвена и жолтеникава со позлата) од кои потоа се сечеле помали коцкички за изработка на мозаици. Така, на многу антички локалитети се наоѓаат изработени мозаични површини, но ова е прва работилница за изработка на материјал (коцкички во боја) за тие мозаици, засега регистрирана во Македонија, а е ретко и сензационално научно откритие и извонредно значаен наод воопшто во светски рамки.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Втора пололовина на 6. век н.е.  Во февруари 2004, на локалитетот Црквиште-Бучало, над с.Туденце, Тетовско, откриена е најстарата триконхална (трикорабна) црква во Република Македонија, а е редок триконхален објект на просторите на цела јужна Европа. Следните вакви базилики во Македонија се дури од 9. век па натаму (‘Св. Пантелејмон’ на Плаошник, ‘Св. Наум’,  ‘Зглавеница’ и др.). Правоаголните краци на источниот крстовиден дел одвнатре се апсидално оформени. Ѕидана е масивно со дебели ѕидови широки просечно 1 м, а сепак со мали димензии (18 х 7,5 м). На локалитетот пронајдено е и олтарно столпче (квадратен капител) со рудиментирани одлики (рудиментиран коринтски тип) од втората половина на 6. век (според кој е и датирана црквата). Овој капител  е монолитен примерок со база, украсен со стилизирани хелици од врежани триаголници, кои преку два прстена се спојуваат со столбот, а абакусот со една врежана линија е поделен на два дела.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

 

 

  • tweeterIcon
  • facebookIcon
Детална прогноза
weather icon
  • макс:
  • мин:
weather icon
  • макс:
  • мин: